МТСП: Од понеделник етапна исплата на паричната помош од социјална и детска заштита на шалтерите на банките

Министерството за труд и социјална политика ги известува корисниците на права на парична помош од социјална и детска заштита дека почнувајќи од понеделник (04 мај)  ќе се врши етапна исплата на паричната помош на шалтерите на банките, по дефиниран редослед по азбучен ред според почетната буква од презимето и тоа: 

  • 04.05.2020 (понеделни) исплата за А, Б, В, Г + Д (прва буква на презиме)
  • 05.05.2020 (вторник) исплата за Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К + Л (прва буква на презиме)
  • 06.05.2020 (среда) исплата за  Љ, М, Н, Њ, О, П + Р (прва буква на презиме)
  • 07.05.2020 (четврток) исплата за С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ + Ш (прва буква на презиме)

Етапната исплата на паричните права од социјална и детска заштита е направена со цел да се избегне метежот пред банките и да се овозможи поголема заштита на корисниците на овие права, во услови на опасност од вирусот КОВИД-19.

Министерството за труд и социјална политика укажува дека корисниците кои користат платежни картички  поврзани со трансакциската сметка на која се исплаќаат правата од социјална и детска заштита, ќе можат паричните средства да ги подигнат на банкоматите на банките, да ги користат за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство, сметано од 04.05.2020 година. 

Министерството за труд и социјална политика потсетува на обврската за носење лична заштита заради спречување на ширење на коронавирусот и за заштита на населението за време на вонредна состојба. Сите кои ќе подигнуваат пари од банкомати или од филијалите и експозитурите на банките, се должни да носат каква било форма на заштита којашто ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично). Исто така, при чекање ред пред и внатре во банките, треба да се запази минимум потребно растојание од најмалку два метра.